Bistro-ezero-(4)

Бистро Езеро

Од толку чоколадо тешко дека некој ќе одоли.

Потребно е:

– 12 јајца

ЗА ПРВ ПАНДИШПАН
– 12 лажици шеќер
– 6 лажици мелени ореви
– 2 лажици брашно
– 2 лажици гриз
– 100 г јатки ореви

ЗА ВТОР ПАНДИШПАН
– 12 лажици шеќер
– 6 лажици мелени ореви
– 2 лажици брашно
– 2 лажици гриз
– 500 г сечкани урми

ЗА ФИЛ
– 500 мл млеко
– 150 г шеќер
– 50 г чоколада за готвење
– 1 лажица брашно
– 1 ванилин шеќер
– 250 г маргарин

ЗА ПРЕЛИВ
– 150 мл млеко
– 150 г маргарин
– 150 г чоколада за готвење
– 1 кесичка прашок за шлаг од чоколада
– 1 лажица рум

ЗА УКРАСУВАЊЕ
– 100 г чоколадни трошки
– чоколадни украси

Подготовка:

  1. Почнуваме со подготовка на првиот пандишпан. Кршиме 6 јајца и ги делиме белките од жолчките. Ги матиме белките со миксер. Го додаваме шеќерот и матиме додека не се растопи. Потоа ги додаваме мелените ореви, брашното и гризот, и мешаме со лажица додека смесата не се соедини. На дното на тркалезен калап бр 24, обложен со хартија ги распоредуваме јатките ореви. Врз нив ја нанесуваме подготвената смеса. Го ставаме калапот во рерна. Печеме 20 минути на 180 степени и го вадиме од рерна.
  2. Почнуваме со подготовка на вториот пандишпан. Преостанатите 6 јајца ги кршиме, белките ги ставаме во сад за матење, а жолчките ги додаваме во садот со преостанатите 6 жолчки од првиот пандишпан. Ги матиме белките со миксер. Го додаваме шеќерот и матиме со миксерот додека не се растопи. Потоа ги додаваме брашното, гризот и мелените ореви. Мешаме со лопатка додека смесата не се соедини. На дното на тркалезен калап бр 24, обложен со хартија ги распоредуваме парчињата урми. Врз нив ја нанесуваме подготвената смеса и го ставаме калапот во рерна. Печеме 20 минути на 180 степени и го вадиме од рерна.
  3. Почнуваме со подготовка на филот. Во садот со жолчките го додаваме шеќерот и матиме со миксер додека не се растопи. Потоа ги додаваме брашното и ванилиниот шеќер, и матиме додека смесата не се соедини. Во тенџере на оган ги ставаме млекото и подготвената смеса, и непрекинато мешаме со жица. Откако кремот ќе ја добие потребната густина го тргаме тенџерето од оган.
  4. Чоколадата ја кршиме на парчиња, ја додаваме во тенџерето и мешаме со жицата додека не се растопи. Оставаме кремот да се излади. Во сад за матење го ставаме маргаринот и матиме со миксер додека не стане пенест. Го додаваме изладениот крем и матиме со миксерот додека филот не се соедини.
  5. Почнуваме со подготовка на преливот. Во тенџере на оган ги ставаме маргаринот, румот и 50 мл млеко. Чоколадата ја кршиме на парчиња и ја додаваме во тенџерето. Мешаме со лажица додека маргаринот и чоколадата не се растопат, и оставаме содржината да се излади. Во длабок сад ги ставаме прашокот за шлаг и преостанатото млеко. Матиме со миксер додека шлагот не ја добие потребната цврстина. Ја додаваме изладената содржина од тенџерето и мешаме со лажица додека преливот не се соедини.
  6. Изладените пандишпани ги вадиме од калапите. На чинија за торта го ставаме пандишпанот со урми. Ја отстрануваме хартијата и го премачкуваме со фил. Врз филот го ставаме пандишпанот со јатките ореви и ја отстрануваме хартијата. Целата торта ја премачкуваме со преостанатиот фил.
  7. Потоа ја премачкуваме тортата и со преливот. Крајот на горната површина на тортата го декорираме со чоколадни украси, а средината ја наросуваме со чоколадни трошки.

 

Со овој десерт ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: