pilesko-vo-lisnato-testo-(1)

Пилешко во Лиснато Тесто

Наполнето со фил од испржени шампињони, целер и лук. А, кога ќе го послужите прелиено со сос од бело вино, сенф и кисела павлака единствено што може да очекувате е – вистинско уживање.

Потребно е:

– 4 парчиња пилешки гради ( по 200 г)
– 500 г лиснато тесто
– 250 г свежи шампињони
– 3 гранчиња целер
– 2 чешниња лук
– 1 јајце
– 30 г сусам
– 200 мл кисела павлака
– 150 мл бело вино
– 1 лажица сенф
– масло за јадење
– Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Шампињоните ситно ги сечкаме и ги пржиме на загреано масло во тава на оган. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Гранчињата целер и чешнињата лук ситно ги сечкаме. Ги додаваме во тавата со запржените шампињони и го пржиме филот додека течноста не испари.
  2. Пилешките гради ги засекуваме на половина по должина, формирајќи џебови. Ги посолуваме и ги наросуваме со мелен црн пипер. Џебовите на пилешките гради ги полниме со подготвениот фил.
  3. На набрашнета работна маса од двете парчиња лиснато тесто со сукалка развлакуваме правоаголни кори и ги сечеме на по 10 ленти по должина. Со готварска четка ги премачкуваме лентите со масло. Полнетите пилешки гради ги облепуваме со по 5 ленти лиснато тесто и ги ставаме во тава за печење, обложена со хартија.
  4. Во чинија го кршиме јајцето и го матиме со виљушка. Со готварска четка ги премачуваме лентите лиснато тесто со изматено јајце и наросуваме сусам. Ја ставаме тавата во рерна. Печеме 40 минути на 220 степени и ја вадиме од рерна.
  5. Парчињата пилешко во лиснато тесто накосо ги сечеме на половина. Во тенџере на оган го ставаме виното да зоврие. Го додаваме сенфот и мешаме со жица. Откако алкохолот ќе испари ја додаваме киселата павлака и мешаме со жицата додека сосот не ја добие потребната густина.
  6. Чинијата за сервирање ја украсуваме со сечкани листови марула. Скалесто и во круг ги редиме парчињата Пилешко во лиснато тесто и ги преливаме со сосот. Декорираме со кришки домат.

 

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: