cigara burek, przen burek, цигара бурек

Цигара Бурек

Сте правеле печен, но не и пржен бурек? Супер, Ви откривме уште една кулинарска тајна. Филот не е задолжително по рецептот, може и по Ваш вкус, а и формата може да биде на пура наместо цигара. Само немојте да палите :)

Потребно е:

500 г кори за пита
300 г мелено месо
300 г сирење
100 г кромид
2 јајца
1 кафена лажица сув копар
150 мл газирана вода
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Кромидот ситно го сечкаме и го пржиме на загреано масло во тава на оган.
  2. Откако кромидот ќе омекне во тавата го додаваме меленото месо и го ситниме со лажица. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер.
  3. Додаваме половина од копарот и промешуваме. Тавата со испрженото месо ја тргаме од оган.
  4. Кршиме 1 јајце, го додаваме во подизладената содржина во тавата и го промешуваме филот.
  5. На крупната страна од рендето во длабок сад го рендаме сирењето. Преостанатото јајце го кршиме и го додаваме во садот. Потоа го додаваме преостанатиот копар, па и овој фил го мешаме со лажица.
  6. Во помал длабок сад ја ставаме газираната вода, додаваме 100 мл масло и промешуваме со лажица.
  7. На работна маса ја ставаме првата кора, и со лажицата ја попрскуваме со мешавината од вода и масло. Дијагонално ја свиткуваме кората на половина, формирајќи триаголник. Попрскуваме со мешавината и уште еднаш го свиткуваме триаголникот на половина, формирајќи помал триаголник. Повторно попрскуваме со водата со масло. На најдолгата страна од триаголникот нанесуваме од филот од сирење. Краевите на кората ги свиткуваме кон внатрешноста и виткаме ролничка. Истата постапка ја повторуваме додека не потрошиме половина од корите и целиот фил од сирење.
  8. Потоа на истиот начин ги подготвуваме преостанатите кори, филувајќи ги со филот од мелено месо. Ги пржиме на поголема количина загреано масло во тава на оган. Откако ќе поруменат од сите страни ги вадиме цигарите бурек од тавата и ги ставаме на чинија, обложена со хартија.
  9. Чинијата за сервирање ја украсуваме со листови марула и скалесто ги редиме парчињата Цигара бурек.

 

Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *