Domasna-debarska-baklava-(3)

Домашна Дебарска Баклава

Може ли баклава, па да не чини, па уште со ½ кг ореви? Е, ама оваа е за малку повешти домаќинки кои сакаат да другаруваат со сукалката. Ако не сте од тие само дајте го рецептот на Вашата мајка или свекрва и чекајте да уживате во крајниот резултат, а тој е за 5-ка, со сигурност.

Потребно е:

– 7 јајца
– 500 г брашно
– 200 мл млака вода
– 200 + 125 мл масло за јадење
– 150 г нишесте
– 250 г сечкани ореви
– 250 г мелени ореви
– 200 г маргарин

ЗА ШЕРБЕТ
– 900 г шеќер
– 900 мл вода
– 1 лимон
– 1 ванилин шеќер

Подготовка:

  1. Кршиме 4 јајца и ги делиме белките од жолчките. Преостанатите 3 јајца ги кршиме и ги додаваме во садот со жолчките. Потоа ги додаваме водата и 200 мл масло, и со брашното замесуваме тесто.
  2. Продолжуваме да го месиме тестото на работна маса додека не стане мазно. Го враќаме во садот, го покриваме со кујнска крпа и оставаме да отстои 30-тина минути. Отстојаното тесто го вадиме од садот и на работната маса го делиме на два нееднакви дела. Со раце кинеме парчиња од помалиот дел од тестото и формираме 30 топчиња.
  3. Од поголемиот дел од тестото формираме 40 топчиња. Работната маса и првото топче тесто ги наросуваме со нишесте и со сукалка развлекуваме кора со големина од 15 см. Ја оставаме кората на страна и ја наросуваме со нишесте. Истата постапка ја повторуваме со сите 30 кори, ги редиме една врз друга и ги наросуваме со нишесте.
  4. И од преостанатите 40 топчиња расукуваме кори на истиот начин и ги редиме една врз друга наросени со нишесте. Од 30-те кори наредени една врз друга со сукалката развлекуваме поголема кора и ја ставаме во тркалезна тава бр 28. Врз кората ги наросуваме сечканите, а потоа и мелените ореви.
  5. И од 40-те топчиња развлекуваме кора и ја нанесуваме врз оревите во тавата. Ја сечеме баклавата на ромбови. Во тенџере на оган ги ставаме маргаринот и преостанатите 125 мл масло. Откако маргаринот ќе се растопи со мешавината ја преливаме баклавата.
  6. Ја ставаме тавата во рерна. Печеме 45 минути на 180 степени и ја вадиме од рерна. Оставаме баклавата да се излади. Почнуваме со подготовка на шербетот. Во тенџере на оган ги ставаме водата, шеќерот и ванилиниот шеќер.
  7. Лимонот го сечеме на кругови и ги додаваме во тенџерето. Откако шербетот ќе ја добие потребната густина го тргаме тенџерето од оган.
  8. Со црпалка со врелиот шербет ја преливаме изладената баклава. Откако ќе го впие шербетот неколку парчиња баклава ставаме на чинија за сервирање. Декорираме со круговите лимон од шербетот.

Со овој десерт ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Слични рецепти: