file-na-nas-nacin

Филе на Наш Начин

Ние ли, зарем воопшто се посомневавте дека не е нешто посебно штом е на наш начин? Свински врат, маслинки и кашкавал во ролат од свинско филе, испечен па исечен на парчиња. Со него крокети од варени компири и се тоа сервирано на шампињони испржени со кромид и свински врат. Добар ни е начинов, признајте.

Потребно е:

500 г свинско филе
300 г ленти чаден свински врат
300 г кашкавал
100 г црни маслинки
300 г сечкани, маринирани шампињони
100 г кромид
400 г варени, лупени компири
1јајце
2 лажици брашно
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Филето го засекуваме по должина, го прекриваме со најлонска фолија и го толчиме со чук. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Го ставаме месото на фолијата и на него скалесто редиме ленти чаден свински врат.
  2. На маслинките им ги отстрануваме семките, ситно ги сечкаме и ги нанесуваме на свинскиот врат. На крупната страна од рендето на чинија го рендаме кашкавалот и го нанесуваме на маслинките. Краевите на месото ги толчиме со чукот и со помош на фолијата виткаме ролат.
  3. Го свиткуваме во алуминиумска фолија, намрсена со масло и го ставаме ролатот во тава за печење. Додаваме 150 мл вода и ја ставаме тавата во рерна. Печеме 1 час на 220 степени и ја вадиме од рерна. Го вадиме ролатот од тавата, му ја отстрануваме фолијата и го сечеме на парчиња.
  4. Главицата кромид ситно ја сечкаме и ја пржиме на загреано масло во тава на оган. Преостанатите ленти чаден свински врат ги сечкаме на парчиња и ги додаваме во тавата со омекнатиот кромид.
  5. Ги додаваме маринираните шампињони и околу 100 мл вода. Откако содржината ќе се издинста ја тргаме тавата од оган. Компирите ги гмечиме со алатка за пире и ги ставаме во длабок сад. Ги додаваме јајцето и брашното, и мешаме со лажица додека не добиеме хомогена смеса. Со лажица од смесата ставаме на загреано масло во друга тава на оган.
  6. Откако крокетите ќе поруменат од двете страни ги вадиме од тавата и ги ставаме на чинија. Чинијата за сервирање ја украсуваме со листови марула.
  7. На средината на чинијата ги ставаме испржените шампињони со кромид и свински врат, и врз нив скалесто ги редиме парчињата филе. Од двете страни ги сервираме крокетите. Декорираме со две декоративно засечени половинки домат и парчиња краставица.

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво црвено вино. Се служи на температура од 18-20 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: