Francuska-pita-so-kompiri-(8)

Француска Пита со Компири

Пита со фил од пржен кромид, сланина, праз, кругови компири, вино и сечкан магдонос. Кога во средината ќе ја наполните со кисела павлака со јајца може да биде само одлична или превкусна. Иако за вкусовите велат не се дискутира, Ви ја препорачуваме од се срце.

Потребно е:

– 250 г брашно
– 150 мл вода
– 140 г маргарин
– 600 г лупени компири
– 300 г праз
– 100 г кромид
– 100 г ленти чадена сланина
– магдонос
– 150 мл кисела павлака
– 3 јајца
– 4 лажици бело вино
– 1 лажица мешан зачин К+
– ½ кафена лажица сол со лук и зачини
– масло за јадење
– Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Во длабок сад ги ставаме брашното и маргаринот, и посолуваме. Постепено ја додаваме водата и со рака замесуваме тесто. Го ставаме да отстои 30-тина минути во фрижидер.
  2. Главицата кромид ја сечкаме на полукругови и ги пржиме на загреано масло во тава на оган. Лентите сланина ги сечкаме на коцки и ги додаваме во тавата со омекнатиот кромид. Празот го сечкаме на тенки кругови и го додаваме во тавата со пропржената сланина.
  3. Откако ќе подомекне ги додаваме виното и мешаниот зачин К+. Посолуваме, наросуваме мелен црн пипер и ја додаваме солта со лук и зачини. Компирите ги сечкаме на тенки кругови и ги додаваме во тавата.
  4. Магдоносот ситно го сечкаме, па и него го додаваме во тавата. Откако и компирите ќе се запржат ја тргаме тавата со филот од оган. На набрашнета работна маса го размесуваме тестото, и го делиме на еден поголем и еден помал дел.
  5. Од поголемиот дел тесто со сукалка развлекуваме кора и ја ставаме во тркалезна керамичка тава. На повеќе места ја боцкаме со виљушка и на кората го нанесуваме подготвениот фил. И од помалото тесто со сукалката развлекуваме кора. Со мал тркалезен калап на средината на кората правиме отвор.
  6. Потоа кората ја нанесуваме врз филот во тавата. Краевите на првата кора ги свиткуваме кон внатрешноста на питата. Кршиме едно јајце и ја делиме белката од жолчката. Ја матиме жолчката со виљушка и со готварска четка ја премачкуваме питата.
  7. Тавата ја ставаме во рерна. Печеме 15 минути на 180 степени и ја вадиме од рерна. Во садот со киселата павлака ги кршиме преостанатите 2 јајца и мешаме со жица. Размешаната павлака ја нанесуваме во длабнатината на питата и ја враќаме тавата во рерна.
  8. Печеме уште 10 минути на 190 степени и ја вадиме од рерна. Француската пита со компири ја украсуваме со гранче копар, две гранчиња нане и една ротквичка засечена во форма на цвет.

Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *