Gjuvec-so-butkica(3)

Ѓувеч со Буткица

Ѓувечот е едно од јадењата каде до израз доаѓаат инспирацијата на домаќинката и вкусот на семејството. И кога се работи за изборот на месото и за изборот на зеленчукот. Нашиот избор овојпат е ваков, Вашиот е дали ќе го пробате.

Потребно е:

– 1 чадена буткица
– 500 г домати
– 300 г тиквичка
– 200 г модар патлиџан
– 200 г кромид
– 150 г ориз
– 100 г црвена пиперка
– 1 лажица мешан зачин К+
– масло за јадење
– Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Буткицата ја сечеме на поголеми парчиња и ги ставаме во тенџере со загреана вода на оган. Сварените парчиња буткица ги вадиме од тенџерето и ги ставаме во тава. Ги отстрануваме коските, а месото го сечкаме на помали парчиња.
  2. Главицата кромид покрупно ја сечкаме и ја пржиме на загреано масло во друго тенџере на оган. Пиперката ја сечкаме на коцки и ја додаваме во тенџерето со омекнатиот кромид. Тиквичката и модриот патлиџан ги сечкаме на коцки, па и нив ги додаваме во тенџерето. Посолуваме, наросуваме мелен црн пипер и го додаваме мешаниот зачин К+. Откако зеленчукот ќе омекне ги лупиме доматите.
  3. Ги сечкаме на коцки и ги додаваме во тенџерето. Го додаваме оризот, промешуваме и динстаме 20-тина минути. Потоа ги додаваме парчињата месо и 2 црпалки од течноста во која се вареше буткицата, и промешуваме.
  4. Го тргаме тенџерето од оган и ја ставаме содржината во огноотпорен сад, намрсен со масло. Додаваме уште 2 црпалки од течноста во која се вареше буткицата и го ставаме садот во рерна. Печеме 60 минути на 200 степени и го вадиме од рерна.
  5. На чинија за сервирање ставаме од Ѓувечот со буткица. Декорираме со едно младо кромитче и гранче магдонос.

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво црвено вино. Се служи на температура од 18-20 степени.

Добар апетит

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: