kara-snicla

Караѓорѓева Шницла

Гладни сте и за ручек сакате нешто конкретно, односно нешто со што добро ќе се најадете. Свинско филе секогаш е одличен избор, превкусно е и не му треба многу време за подготвување. А, во комбинација со кајмак, па испохувано, на пире од компири и со прелив од мајонез, павлака и рендана краставичка…. коментар – нема, поточно не е потребен.

Потребно е:

800 г свинско филе
200 г кајмак
2 јајца
100 г брашно
100 г лебни трошки
50 г сусам
100 г мајонез
100 мл кисела павлака
60 г кисела краставичка
300 мл млеко
50 г снегулки за инстант пире
зелените делови од 1 страк праз
масло за јадење
сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Филето го засекуваме по должина за да добиеме рамна површина за ролување. Го покриваме месото со најлонска фолија и го толчиме со чук. Ја тргаме фолијата, го посолуваме месото и го наросуваме со мелен црн пипер.
  2. На средината на месото по должина го нанесуваме кајмакот. Ги свиткуваме краевите на месото кон внатрешноста и повторно го прекриваме со фолија. Со чукот ги толчиме краевите на месото, ја отстрануваме фолијата и виткаме ролат.
  3. Во длабок сад ги кршиме јајцата и ги матиме со виљушка. Ролатот го набрашнуваме, го свалкуваме во изматените јајца и го облепуваме со лебни трошки. Повторно го свалкуваме во изматени јајца, и го облепуваме со сусам и лебни трошки.
  4. Го пржиме на загреано масло во тава на оган. Откако ролатот ќе порумени од сите страни го вадиме од тавата и го ставаме на чинија, обложена со хартија. На крупната страна од рендето во длабок сад ја рендаме киселата краставичка.
  5. Ги додаваме мајонезот и киселата павлака. Наросуваме мелен црн пипер и го промешуваме преливот. Зелените делови од празот ситно ги сечкаме и ги пржиме на загреано масло во тава на оган.
  6. Посолуваме и откако празот ќе омекне ја тргаме тавата од оган. Во тенџере на оган го ставаме млекото и посолуваме. Ги додаваме снегулките за инстант пире и непрекинато мешаме со жица. Откако пирето ќе ја добие потребната густина го додаваме испржениот праз, промешуваме и го тргаме тенџерето од оган.
  7. Чинијата за сервирање ја украсуваме со листови марула. На едната страна на чинијата го сервираме пирето и го шариме со лажица.
  8. На другата страна на чинијата ја ставаме Караѓорѓевата шницла и го нанесуваме подготвениот прелив. Декорираме со гранчиња француски магдонос и шери домати.

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво црвено вино. Се служи на температура од 18-20 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: