trufel-bomba

Труфел Бомба

Сакате полесни десери без многу фил? Токму овој од пандишпан со какао, и фил со мелени лешници, изматената слатка павлака, растопена чоколада, путер и арома на рум, и прелиен со растопена чоколада е како измислен за Вас.

Потребно е:

ЗА ПАНДИШПАН

4 јајца
120 г шеќер во прав
200 г брашно
100 мл млеко
100 г путер
1 лажица какао
2 кесички ванилин шеќер
1 прашок за печиво

ЗА ФИЛ

2 јајца
150 г шеќер
200 г путер
120 мл слатка павлака
100 г чоколада за готвење
100 г мелени лешници
4 лажици рум
1 лажица какао

ЗА ПРЕЛИВ

100 г чоколада за готвење
30 мл млеко

Подготовка:

  1. Почнуваме со подготовка на пандишпанот. Во сад за матење го ставаме путерот. Јајцата ги кршиме, белките ги ставаме во длабок сад, а жолчките ги додаваме во садот за матење.
  2. Ги додаваме шеќерот во прав, ванилиниот шеќер и млекото, и матиме додека состојките не се соединат. Прашокот за печиво и какаото ги додаваме во садот со брашното, и промешуваме со лажица. Потоа и брашното со какао и прашок за печиво го додаваме во садот за матење.
  3. Мешаме со лажица додека смесата не се соедини.
  4. Белките ги матиме со миксер додека не ја добијат потребната цврстина. Ги додаваме во садот за матење и повторно мешаме со лажицата додека смесата не се соедини. Ја нанесуваме во тркалезна тава бр 24, обложена со хартија.
  5. Тавата ја ставаме во рерна. Печеме 20-тина минути на 180 степени и ја вадиме од рерна. Почнуваме со подготовка на филот. На парчиња ја кршиме чоколадата за готвење и ја ставаме во тенџере на оган. Откако ќе се растопи го тргаме тенџерето од оган.
  6. Во друго тенџере го топиме путерот и го тргаме тенџерето од оган. Во длабок сад ја ставаме слатката павлака и матиме со миксер додека не ја добие потребната цврстина. Во сад за матење ги кршиме јајцата и ги матиме со миксер. Ги додаваме шеќерот, румот и какаото, и матиме додека состојките не се соединат.
  7. Потоа ги додаваме мелените лешници и мешаме со жица. Ја додаваме изматената павлака и повторно мешаме со жицата. Потоа ги додаваме изладената растопена чоколада и путерот, и мешаме додека филот не се соедини. Оставаме да се лади 3 часа.
  8. Изладениот пандишпан го вадиме од тавата, му ја отстрануваме хартијата и го ставаме на чинија за торта. Во форма на куп на него го нанесуваме филот. Почнуваме со подготовка на преливот. Во тенџере на оган го ставаме млекото.
  9. Чоколадата ја кршиме на парчиња и ја додаваме во тенџерето. Откако чоколадата ќе се растопи го тргаме тенџерето од оган. Со црпалка ја преливаме тортата со подизладениот чоколаден прелив, и оставаме да се излади и да се стегне.
  10. Ја сечеме тортата на парчиња. Едно парче Труфел бомба ставаме на чинија за сервирање.

Со овој десерт ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: