- Во длабок сад кршиме 2 јајца, посолуваме, го додаваме шеќерот и матиме со жица. Со рака го рониме квасецот и го додаваме во садот. Потоа го додаваме млакото млеко и со брашното замесуваме помеко тесто.
- Продолжуваме да го месиме на набрашнета работна маса додека не стане мазно. Го сечеме тесто на 40-50 парчиња, во зависност од саканата големина на печивата и формираме топчиња.
- Во длабок сад го ставаме сирењето и го дробиме со виљушка. Кршиме едно јајце, го додаваме во садот и го мешаме филот со виљушката. Од 1/5 од топчињата со сукалка развлекуваме долгнавести кори.
- Едната страна на корите на неколку места ја засекуваме со нож, нанесуваме фил и виткаме кифлички. Ги редиме во тава за печење, намрсена со маргарин.
- Од втората 1/5 од топчињата со раце развлекуваме долгнавести форми, ги врзуваме во јазли и ги редиме во тавата. Потоа од долгнавести форми со преплетување на тестото формираме цветови и плетенки.
- На крајот формираме спирали и сите форми ги редиме во тавата. Преостанатото јајце го кршиме и ја делиме белката од жолчката. Во садот со жолчката го додаваме маслото и матиме со готварска четка.
- Ги премачкуваме печивата и половината ги наросуваме со ким, а преостанатата половина со сусам. Маргаринот го сечкаме на коцки и по едно парче ставаме на секоја форма. Ја ставаме тавата во рерна и печеме 20-тина минути на 220 степени.
- Откако печивата ќе добијат златно-румена боја ја вадиме тавата од рерна. Ги редиме Коктел печивата во прутена корпа, обложена со хартиена салфетка.
Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.
Добар апетит.