pileski-gradi-so-pecurki2

Пилешки Гради со Печурки

Штом човек ќе ги види веднаш добива желба да ги проба, а онака румени и крцкави од похувањето и со арома на мајчина душичка дефинитивно нема да останат само на пробата. Сервирани, пак, со ориз, прелиени со сос со магдонос и уште убаво декорирани го прават оброкот ептен комплетен.

Потребно е:

800 г пилешки гради
250 г свежи шампињони
50 г маргарин
магдонос
мајчина душичка
2 јајца
150 г брашно
150 г лебни трошки
200 мл млеко
2 лажици густин
1 кафена лажица мелен бел бибер
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Пилешките гради ги засекуваме на половина по должина. Добиените шницли ги толчиме со дрвен чук, ги посолуваме и ги наросуваме со мелен бел бибер. Ги оставаме на чинија да ги впијат зачините.
  2. Шампињоните ги сечкаме на листови и ги пржиме на растопениот маргарин во тава на оган. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Мајчината душичка и половина од магдоносот ситно ги сечкаме, и ги додаваме во тавата.
  3. Откако течноста ќе испари ја тргаме тавата со филот од оган. На првата зачинета шницла нанесуваме фил, ги свиткуваме краевите кон внатрешноста и виткаме ролат.
  4. На истиот начин ги подготвуваме и преостанатите 3 ролати и ги редиме на чинија. Во длабок сад ги кршиме јајцата и ги матиме со жица.
  5. Ролатите ги набрашнуваме, ги свалкуваме во изматени јајца и ги облепуваме со лебни трошки. Потоа ги пржиме на загреано масло во тава на оган. Откако ќе поруменат од сите страни ги вадиме ролатите од тавата и ги ставаме на чинија, обложена со хартија.
  6. Во тенџере на оган ги ставаме млекото и густинот, и мешаме со жица. Преостанатиот магдонос ситно го сечкаме и го додаваме во тенџерето. Посолуваме и зачинуваме со преостанатиот мелен бел бибер.
  7. Откако сосот ќе ја добие потребната густина го тргаме тенџерето од оган. На чинија за сервирање редиме три ролати, четвртиот го сечеме на половина и го додаваме на чинијата. Преливаме со сосот од тенџерето и на чинијата сервираме претходно сварен ориз. Декорираме со кругови црвена пиперка, праз и морков

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: