Koktel-topcinja1

Коктел Топчиња

Не мора да се подготвувате за коктел за да ги направите овие бомбици од мелено месо со кисела павлака. Ако децата тешко ги убедувате да јадат класични ќофтиња е само причина повеќе да внесете мала новина на Вашата трпеза. Дури и доколку не ви успее да ги предизвикате со формата применете мала тактика и кажете им дека во средината е скриено изненадување.

Потребно е:

300 г мелено месо
100 мл кисела павлака
100 мл газирана вода
1 јајце
магдонос
2 чешниња лук
100 г маслинки
150 г лебни трошки
1 лажица мешан зачин К+
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Во садот со меленото месо додаваме 2 лажици лебни трошки, газираната вода, киселата павлака и мешаниот зачин К+. Јајцето го кршиме и го додаваме во садот.
  2. Магдоносот ситно го сечкаме, па и него го додаваме во садот. Со алатка ги гмечиме чешнињата лук и ги додаваме во садот. Посолуваме, наросуваме мелен црн пипер и мешаме со лажица додека смесата не се соедини.
  3. На маслинките со алатка им ги отстрануваме семките. Од подготвената смеса расплескуваме на едната рака. На средината ставаме една маслинка и формираме топче. Го свалкуваме во преостанатите лебни трошки и го ставаме на чинија.
  4. На истиот начин ги подготвуваме сите топчиња и ги редиме на чинијата. Потоа ги пржиме на поголема количина загреано масло во тава на оган. Откако ќе поруменат од сите страни ги вадиме топчињата од тавата и ги ставаме на чинија, обложена со хартија.
  5. Чинијата за сервирање ја украсуваме со листови црвена зелка и ги редиме Коктел топчињата. Декорираме со тенки кругови ротквичка, парчиња марула и кечап.

Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *