kolac-toni

Колач Тони

Сакате нешто благо, ама да не е нешто многу тешко ниту за подготовка ниту за јадење. Сме Ви го погодиле вкусот, ова е токму таков колач. Две ленти пандишпан со чоколада, фил од изматена хопла со какао и арома на ванила, и за крај чоколаден прелив. Тоа е, толку лесно, а пак си има се.

Потребно е:

ЗА ПАНДИШПАН

6 јајца
6 лажици шеќер во прав
6 лажици брашно
50 г чоколада за готвење

ЗА ФИЛ

300 мл слатка павлака
80 г шеќер во прав
1 лажица какао
1 ванилин шеќер

Подготовка:

  1. Почнуваме со подготовка на пандишпанот. Јајцата ги кршиме и ги делиме белките од жолчките.
  2. Во садот со жолчките го додаваме шеќерот во прав и матиме со миксер додека жолчките не станат пенести. На крупната страна од рендето во садот ја рендаме чоколадата за готвење и промешуваме со лажица.
  3. Потоа со миксерот ги матиме белките, и ги додаваме во садот со жолчките со чоколада. Го додаваме брашното и мешаме со лажицата додека смесата не се соедини.
  4. Ја нанесуваме во правоаголна тава бр 36, обложена со хартија. Тавата ја ставаме во рерна. Печеме 15-тина минути на 200 степени и ја вадиме од рерна.
  5. Почнуваме со подготовка на филот. Во сад за матење ја ставаме слатката павлака и матиме со миксер. Ги додаваме шеќерот во прав и ванилиниот шеќер.
  6. Откако изматената павлака ќе ја добие потребната цврстина го додаваме какаото и матиме додека филот не се соедини. Изладениот пандишпан го вадиме од тавата, му ја отстрануваме хартијата и го сечеме на половина по должина.
  7. Првиот дел од пандишпанот го ставаме на послужавник и го премачкуваме со фил. Прекриваме со вториот дел од пандишпанот и го филуваме целиот колач. Го сечеме на 8 коцки. Преостанатиот фил го ставаме во слаткарска кеса и го украсуваме секое парче колач. Ги декорираме колачите со чоколаден прелив и едно парче ставаме на чинија за сервирање.

Со овој десерт ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: