kordon-ruz

Кордон Руж

До сега сте слушнале само за ликер со арома на портокал со ова име кој потекнува од далечната 1880 г. Е, па никогаш не е доцна да дознаете нешто ново. Телешко месо полнето со парчиња кашкавал и пршута, набрашнето, испржено, па издинстано во супа од коцка со бело вино. Сервирано со сос и претходно сварен зеленчук е превкусно, па како и да се вика.

Потребно е:

200 г телешко месо
50 г ленти печеница
50 г тенки парчиња кашкавал
50 г + 1 лажица брашно
50 мл црвено вино
50 г путер
1 говедска коцка за супа
масло за јадење
сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Во тенџере со зовриена вода на оган ја ставаме коцката да се вари супа. Месото го посолуваме и го наросуваме со мелен црн пипер. Го покриваме со најлонска фолија, го толчиме со чук и ја отстрануваме фолијата.
  2. На едната половина од месото ги редиме парчињата кашкавал, а врз нив лентите печеница. Го преклопуваме месото на половина и го зацврстуваме со чепкалки. Од двете страни го набрашнуваме во 50 г брашно.
  3. Потоа го пржиме на загреана мешавина од растопениот путер и масло во тава на оган. Откако ќе порумени од двете страни го вадиме месото од тавата и го ставаме на чинија. Во тавата на оган го додаваме црвеното вино.
  4. Со црпалка додаваме и од супата од коцка. Откако содржината ќе зоврие во тавата го враќаме испрженото месо и динстаме додека не омекне. Го вадиме месото од тавата, го ставаме на чинија и му ги отстрануваме чепкалките. Во садот со преостанатата лажица брашно додаваме 100 мл супа и мешаме со жица.
  5. Размешаното брашно го додаваме во тавата и мешаме со жицата. Откако сосот ќе ја добие потребната густина ја тргаме тавата од оган. Чинијата за сервирање ја украсуваме со еден лист марула, три шери домати и гранчиња француски магдонос.
  6. На едната страна на чинијата го ставаме парчето Кордон руж и го преливаме со сосот од тавата. На другата страна сервираме половинки претходно сварени компири, обарени цветови брокула и карфиол, и долгнавести парчиња варени моркови.

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво црвено вино. Се служи на температура од 18-20 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: