Lisnato-rolnicki-so-kromid-(3)

Лиснати Ролнички со Кромид

Не Ви е неопходна голема мајсторија со сукалката туку само малку повеќе време за сами да направите лиснато тесто. Ама затоа, на ролничкиве со сирење, испржен млад кромид и ким нема да можете да им најдете мана.

Потребно е:

500 г брашно
250 мл млеко
2 јајца
1 свеж квасец
3 врзопи млад кромид
200 г сирење
150 г маргарин
250 г ленти чадена сланина
1 кесичка ким
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Кршиме едно јајце, го додаваме во садот со брашното и посолуваме. Квасецот го рониме со рака и го додаваме во садот. Постепено го додаваме млекото и со рака замесуваме тесто. Го покриваме садот со кујнска крпа и оставаме тестото да стасува 30-тина минути на топло место.
  2. Младиот кромид ситно го сечкаме и кратко го запржуваме на загреано масло во тава на оган. Посолуваме, наросуваме мелен црн пипер и ја тргаме тавата од оган. Во длабок сад го ставаме сирењето и го гмечиме со алатка за пире. Го додаваме маргаринот, и гмечиме со алатката додека сирењето и маргаринот не се соединат.
  3. На набрашнета работна маса го размесуваме стасаното тесто и со сукалка развлекуваме кора. Ја премачкуваме со 1/3 од мешавината од сирење и маргарин, и ја преклопуваме кората неколку пати. Ја ставаме на набрашнета чинија и оставаме да отстои во фрижидер 20 минути.
  4. Истата постапка на развлекување, премачкување и ладење на кората ја повторуваме уште 2 пати. Потоа со сукалката повторно развлекуваме кора и ја сечеме на правоаголни парчиња. На секое парче ставаме по една лента сланина.
  5. На едниот крај нанесуваме од испржениот млад кромид и виткаме ролнички. Ги редиме во тава за печење, обложена со хартија. Преостанатото јајце го кршиме и ја матиме жолчката со виљушка. Со готварска четка со изматена жолчка ги премачкуваме ролничките и ги наросуваме со ким. Ја ставаме тавата во рерна. Печеме 30 минути на 180 степени и ја вадиме од рерна. Во круг ги редиме ролничките на чинија за сервирање.

Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *