- Во длабок сад ги ставаме белото вино, сенфот и медот. Лимонот го цедиме во цедалка и го додаваме лимоновиот сок во садот. Посолуваме, наросуваме мелен црн пипер и ја мешаме маринадата со жица. Свинскиот врат го засекуваме на подебели шницли и го ставаме во огноотпорен сад.
- Го преливаме со подготвената маринада и оставаме да отстои еден ден или најмалку 6 часа. Го вадиме месото од маринадата и го ставаме во друг огноотпорен сад, обложен со алуминиумска фолија. Чаденото месо и кашкавалот ги сечеме на парчиња. На парче чадено месо ставаме парче кашкавал и го свиткуваме месото на половина.
- Истата постапка ја повторуваме со сите парчиња чадено месо и кашкавал. Ги ставаме во засеците на свинскиот врат. Шампињоните ги сечкаме на листови, па и од нив ставаме во засеците на месото. Преостанатите исечкани шампињони ги ставаме во празнините од двете страни на огноотпорниот сад.
- Полнетото свинско месо го преливаме со маринадата и го попрскуваме со масло за јадење. Месото го прекриваме со краевите на фолијата, а садот го покриваме со уште две парчиња фолија. Го ставаме садот во рерна. Печеме 60 минути на 200 степени и го вадиме од рерна.
- Ја отстрануваме фолијата и го враќаме садот во рерна. Печеме уште 30-тина минути на истата температура или додека месото не порумени и го вадиме садот од рерна. Морковите ги сечкаме на кругови и ги ставаме на загреано маслиново масло во тава на оган. Ги додаваме грашокот и парчињата компири. Посолуваме, наросуваме мелен црн пипер и го додаваме соја сосот. Откако зеленчукот ќе се запржи ја тргаме тавата од оган.
- Маринираното свинско печење го ставаме во огноотпорен сад за сервирање на ростфрајски послужавник. Од двете страни го додаваме запржениот зеленчук. Декорираме со кругови зелена пиперка, млади кромитчиња исечени на половина, цвет од лушпа од домат и гранчиња француски магдонос.
Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво црвено вино. Се служи на температура од 18-20 степени.
Добар апетит.