Misirkini-papijeti-vo-bel-sos1

Мисиркини Папијети во Бел сос

Пржени ролатчиња од мисиркино филувани со испржен кромид, обарен и исечкан мозок, парчиња шампињони, праз и чадено свинско месо, и исечени на парчиња, не може да не чинат. А, сервирани со рижото и сос од вино и хопла, просто – превкусни и башка – умни :)

Потребно е:

800 г мисиркини гради
1 телешки мозок
200 г чаден свински бут
100 г свежи шампињони
150 г праз
50 г кромид
250 г варен, исцеден ориз
200 мл хопла
100 мл бело вино
50 г путер
½ кафена лажица сув копар
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Во тенџере со зовриена вода на оган го обаруваме телешкиот мозок, го вадиме од тенџерето и го ставаме на чинија. Му ја отстрануваме мембраната и ситно го сечкаме.
  2. Кромидот ситно го сечкаме и го пржиме на загреано масло во тава на оган. Откако кромидот ќе омекне во тавата додаваме половина од исечканиот мозок. 2/3 од шампињоните сечкаме на парчиња и ги додаваме во тавата. 100 г праз сечкаме на многу тенки долгнавести парчиња, па и нив ги додаваме во тавата.
  3. И 150 г од чаденото месо сечкаме на тенки долгнавести парчиња и ги додаваме во тавата. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Промешуваме и откако состојките ќе се испржат ја тргаме тавата со филот од оган.
  4. Мисиркините гради ги сечеме на шницли. Првата шницла ја посолуваме и ја наросуваме со мелен црн пипер. Ја покриваме со најлонска фолија и ја толчиме со чук. Ја отстрануваме фолијата, на шницлата ставаме од подготвениот фил, виткаме ролат и го зацврстуваме со чепкалки.
  5. На истиот начин ги подготвуваме сите ролати и ги редиме на чинија. Во тава на оган го топиме путерот и додаваме масло. На загреаната мрснотија ги пржиме ролатите. Откако ќе поруменат од сите страни ги вадиме од тавата и ги ставаме на чинија. Им ги отстрануваме чепкалките и ги сечеме на парчиња.
  6. Во тавата го додаваме белото вино. Откако ќе зоврие ја тргаме тавата од оган. Ја процедуваме течноста низ цедалка и ја ставаме во тенџере. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер.
  7. Ги додаваме копарот и хоплата, и го промешуваме сосот со жица. Преостанатиот праз, шампињони и чадено месо ситно ги сечкаме, и ги пржиме на загреано масло во тава на оган. Го додаваме преостанатиот исечкан мозок. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Потоа го додаваме оризот.
  8. Промешуваме и ја тргаме тавата со рижотото од оган. Го ставаме рижотото во длабок тркалезен сад, намрсен со масло.
  9. На средината на чинија за сервирање го превртуваме купот од рижото. На едната половина на чинијата нанесуваме од сосот од тенџерето, и врз него скалесто ги редиме парчињата Мисиркини папијети. Во форма на тараби декорираме со тенки долгнавести парчиња праз.

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: