njujork-torta

Њујорк Торта

Можевме и да ја крстиме Торта “Њујорк ноќе“, ама нејсе. Вие не треба да ја правите ноќе за да биде вака црна, треба само да ставите што повеќе чоколада. А, за вкусот не грижете се воопшто, со лешници, арома на ванила и рум, и чоколаден шлаг може да биде само одличен.

Потребно е:

ЗА ПАНДИШПАН

4 јајца
160 г шеќер
50 г мелени лешници
50 г лебни трошки
30 мл рум
1 ванилин шеќер
1 прашок за печиво

ЗА ФИЛ И УКРАСУВАЊЕ

250 мл слатка павлака
100 мл чоколаден прелив
200 г чоколада за готвење
1 лажица масло за јадење
жолта и зелена прехранбена боја

Подготовка:

  1. Почнуваме со подготовка на пандишпанот. Лебните трошки ги преливаме со румот и промешуваме со лажица. Ванилиниот шеќер и прашокот за печиво ги додаваме во садот со мелените лешници, и промешуваме.
  2. Во сад за матење ги кршиме јајцата. Го додаваме шеќерот и матиме со миксер додека не се растопи. Ги додаваме лебните трошки со рум, и лешниците со ванилин шеќер и прашок за печиво.
  3. Мешаме со жица додека смесата не се соедини. Ја нанесуваме во тркалезен калап бр 24, намрсен со маргарин. Го ставаме калапот во рерна. Печеме 15-тина минути на 200 степени и го вадиме од рерна.
  4. Почнуваме со подготовка на филот. Во сад за матење со миксер ја матиме слатката павлака додека не ја добие потребната цврстина. По неколку лажици од изматената павлака оставаме во 2 сада на страна.
  5. Во садот за матење го додаваме чоколадниот прелив и матиме со миксерот додека филот не се соедини. Изладениот пандишпан го вадиме од калапот и го сечеме на половина. Првата кора пандишпан ја ставаме на послужавник и ја премачкуваме со фил.
  6. Врз него ја ставаме втората кора пандишпан и целата торта ја премачкуваме со фил. Чоколадата ја кршиме на парчиња и ја ставаме во сад на пареа. Го додаваме маслото, промешуваме и откако чоколадата ќе се растопи го тргаме садот од оган.
  7. Со подизладената растопена чоколада ја преливаме тортата. Оставаме чоколадата да се стегне. Жолтата прехранбена боја ја ставаме во лажица и додаваме малку вода.
  8. Размешаната боја ја додаваме во првиот сад со неколку лажици изматена слатка павлака и промешуваме. Ја ставаме павлаката во фишек од хартија и со 4 жолти цветови ја декорираме тортата. И зелената прехранбена боја ја ставаме во лажица и додаваме малку вода.
  9. Размешаната боја ја додаваме во вториот сад со неколку лажици изматена павлака и промешуваме. Ја ставаме павлаката во друг фишек од хартија и формираме зелени листови околу цветовите на тортата.
  10. Ја ставаме Њујорк тортата на чинија и долниот страничен дел го декорираме со преостанатиот фил.

Со овој десерт ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: