- Колбасите ситно ги сечкаме и ги пржиме на загреано маслиново масло во тава на оган. Листовите рузмарин ги кинеме од гранчето. Заедно со чешнето лук ситно ги сечкаме и ги додаваме во тавата. Доматот го лупиме, го сечкаме на ситни коцки и го додаваме во тавата со испржените колбаси. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер.
- Откако и доматот ќе се испржи ја тргаме тавата со филот од оган. На набрашнета работна маса го ставаме лиснатото тесто, го наросуваме со брашно и го сечеме на 8 правоаголни парчиња. Парчињата ги наросуваме со брашно и со сукалка развлекуваме правоаголни кори. Врз корите со лажица нанесуваме фил. На крупната страна од рендето го рендаме кашкавалот и го нанесуваме врз филот.
- Филуваните кори ги преклопуваме на половина и со виљушка ги притискаме кревите за да се залепат. Ги пржиме панцеротите на поголема количина загреано масло за јадење во тава на оган. Откако ќе поруменат од двете страни ги вадиме од тавата и ги ставаме на чинија, обложена со хартија. На чинија за сервирање скалесто ги редиме Панцеротите со кашкавал и колбаси.
- Декорираме со гранчиња магдонос, еден лист ендивија и кругови црвена пиперка, и наросуваме оригано.
Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.
Добар апетит.