- Почнуваме со подготовка на пандишпанот. Чоколадата ја кршиме на парчиња и ја ставаме во сад на пареа. Откако чоколадата ќе се растопи го тргаме садот од оган.
- Оставаме чоколадата да се излади. Во сад за матење ги ставаме путерот и половина од шеќерот. Јајцата ги кршиме, белките ги ставаме во длабок сад, а жолчките ги додаваме во садот за матење.
- Со миксер ги матиме путерот, шеќерот и жолчките додека путерот не стане пенест. На ситната страна од рендето во садот рендаме кора од портокал. Ги додаваме циметот, прашокот за печиво, млекото, густинот и брашното.
- Мешаме со лажица додека смесата не се соедини. Ја додаваме изладената растопена чоколада и повторно мешаме со лажицата додека смесата не се соедини. Потоа со миксерот ги матиме белките. Го додаваме преостанатиот шеќер и матиме додека не се растопи.
- Изматените белки ги додаваме во садот за матење и уште еднаш мешаме со лажицата додека смесата не се соедини. Ја нанесуваме во тркалезен калап бр 26, обложен со хартија. Го ставаме калапот во рерна. Печеме 30 минути на 180 степени и го вадиме од рерна.
- Почнуваме со подготовка на филот. Чоколадата ја кршиме на парчиња, ја ставаме во сад на пареа и го додаваме путерот. Откако состојките ќе се растопат го тргаме садот од оган. Оставаме содржината да се излади.
- Во сад за матење ја ставаме слатката павлака и матиме со миксер додека не ја добие потребната цврстина. Ја додаваме изладената чоколада со путер и мешаме со лажица додека филот не се соедини. Изладениот пандишпан го вадиме од калапот и му ја отстрануваме хартијата.
- Го сечеме пандишпанот на половина. Првата кора пандишпан ја ставаме на чинија за торта и ја премачкуваме со фил. Лупиме еден портокал, го делиме на кришки и ги редиме на филот.
- Ја ставаме втората кора пандишпан и целата торта ја премачкуваме со преостанатиот фил. Долниот страничен дел на тортата го наросуваме со чоколадни трошки. Потоа чоколадни трошки наросуваме и по крајот на горната површина на тортата.
- Вториот портокал го сечкаме на тенки полукругови и во круг ги редиме пред чоколадните трошки. Со еден круг портокал на средината ја завршуваме декорацијата на Париската торта.
Со овој десерт ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.
Добар апетит.