Park-torta-(2)

Парк Торта

Малку покомплицирана, но вкусот е прва лика! А за изгледот да не зборуваме!

Потребно е:

ЗА ПАНДИШПАН
– 9 јајца
– 250 г шеќер во прав
– 270 г брашно
– 125 г путер
– 3 лажици какао
– 2 кесички ванилин шеќер
– 2 кесички прашок за печиво

ЗА ПРВ ФИЛ
– 250 г млечна чоколада
– 250 мл слатка павлака

ЗА ВТОР ФИЛ
– 250 мл слатка павлака
– 250 мл овошен јогурт од јагоди
– 150 г шеќер во прав
– 150 г исчистени јагоди
– 150 г цреши без семки
– 2 кесички желатин
– 60 мл вода

ЗА ПРЕЛИВ
– 150 г шеќер
– 130 мл вода
– 100 мл слатка павлака
– 2 лажици какао
– 1 кесичка желатин

ЗА УКРАСУВАЊЕ
– 1 кесичка прашок за шлаг
– 100 мл млеко

Подготовка:

  1. Почнуваме со подготовка на пандишпанот. Во тенџере на оган го топиме путерот. Го тргаме тенџерето од оган и оставаме путерот малку да се излади. Во длабок сад ги кршиме јајцата. Го додаваме шеќерот во прав и матиме со миксер додека јајцата не станат пенести. Ги додаваме брашното, какаото, ванилиниот шеќер, прашокот за печиво и подизладениот растопен путер.
  2. Непрекинато мешаме со лопатка додека смесата не се соедини. Ја нанесуваме во тркалезен калап бр 26, обложен со хартија. Го ставаме калапот во рерна. Печеме 30 минути на 180 степени и го вадиме од рерна.
  3. Почнуваме со подготовка на првиот фил. Чоколадата ја кршиме на парчиња и ја топиме во тенџере на оган. Ја додаваме слатката павлака и мешаме со лажица. Откако смесата ќе се соедини го тргаме тенџерето од оган. Оставаме да се излади и ја ставаме смесата во сад за матење. Матиме со миксер додека првиот фил не стане пенест.
  4. Почнуваме со подготовка на вториот фил. Во сад за матење ја ставаме слатката павлака и матиме со миксер додека не ја добие потребната цврстина. Ги додаваме шеќерот во прав и овошниот јогурт, и матиме со миксерот додека смесата не се соедини. Желатинот го размешуваме со водата и оставаме да набабри. Го ставаме во тенџере на оган и откако ќе се растопи го тргаме тенџерето од оган. Оставаме желатинот да се излади и го додаваме во садот со подготвената смеса. Мешаме со лажица додека смесата не се соедини. Потоа ги додаваме црешите. Јагодите ги сечкаме на кругови, ги додаваме во садот и го промешуваме вториот фил со лажицата. Изладениот пандишпан го вадиме од калапот и го сечеме на 3 еднакви делови. На чинија за торта ја ставаме првата кора пандишпан. Потоа на чинијата го ставаме обрачот од тркалезниот калап. Врз пандишпанот го нанесуваме вториот фил и прекриваме со втората кора пандишпан. Ја премачкуваме со половина од првиот фил и ја нанесуваме третата кора пандишпан. И неа ја филуваме со преостанатиот прв фил.
  5. Почнуваме со подготовка на преливот. Желатинот го размешуваме со 30 мл вода. Откако ќе набабри го топиме во тенџере на оган. Во друго тенџере на оган ги ставаме шеќерот, слатката павлака, какаото, 100 мл вода и растопениот желатин, и промешуваме со жица. Откако преливот ќе се соедини го тргаме тенџерето од оган. Оставаме да се подизлади и го нанесуваме врз филот.
  6. Чинијата за торта ја ставаме во фрижидер. Изладената и стегната торта ја вадиме од фрижидер и го отстрануваме обрачот од чинијата. Во сад за матење ги ставаме прашокот за шлаг и млекото, и матиме со миксер додека шлагот не ја добие потребната цврстина. Го ставаме во слаткарска кеса.
  7. Со шлаг ги украсуваме крајот на горната површина и страничниот дел на тортата. Парк тортата ја декорираме со цреши без семки.

 

Со овој десерт ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: