Piroski-so-oblandi-i-susam2

Пирошки со Обланда и Сусам

Многу едноставно име за пирошки со толку убава форма и превкусен фил од шунка, кисели краставички, кашкавал, сирење и мајонез. За румената боја и крцкавоста убедени сме дека не треба ни да споменуваме штом се похувани.

Потребно е:

3 обланди
200 г шунка
200 г кисели краставички
200 г кашкавал
200 г сирење
3 јајца
150 г брашно
150 г лебни трошки
150 г мајонез
50 г сусам
масло за јадење
црн пипер

Подготовка:

  1. Обландите ги свиткуваме во навлажнети кујнски крпи и оставаме да омекнат. Шунката и половина од киселите краставички ги сечкаме на ситни коцки, и ги ставаме во длабок сад.
  2. На крупната страна од рендето во садот ги рендаме кашкавалот и сирењето. Додаваме 2 лажици мајонез и го мешаме филот со лажица. Првата омекната обланда ја одвиткуваме од крпата и ја сечеме на 3 еднакви делови.
  3. На првата лента нанесуваме од филот, ги свиткуваме краевите кон внатрешноста и виткаме ролат. На истиот начин ги подготвуваме и преостанатите обланди. Во длабока чинија ги кршиме јајцата и ги матиме со виљушка.
  4. Сусамот го додаваме во чинијата со лебните трошки и промешуваме. Пирошките ги свалкуваме во брашно, во изматени јајца и во лебни трошки со сусам. Ги пржиме на поголема количина загреано масло во тава на оган.
  5. Откако ќе поруменат од сите страни ги вадиме пирошките од тавата и ги ставаме на чинија. Преостанатите кисели краставички ги сечкаме на ситни коцки и ги додаваме во садот со преостанатиот мајонез. Наросуваме мелен црн пипер и го промешуваме сосот со лажица. Ч
  6. инијата за сервирање ја украсуваме со еден лист марула. На него го нанесуваме тартар сосот и го декорираме со парчиња лимон и лист магдонос. Потоа на чинијата ги сервираме пирошките и ја завршуваме декорацијата со декоративно засечени половинки маслинки наполнети со парчиња морков и листови рузмарин.

Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *