Piroski-od-bajat-leb1

Пирошки со Прелив

Ја погледнавте фотографијата? Уште на прв поглед мамат да ги вкусите. А, вака румени, па од лебните трошки крцкави, па со шунка, кисели краставички, морков, кашкавал и сирење – не Ви оставаат голем избор. Влегувајте во кујна и за нешто повеќе од ½ час ќе бидат на Вашата трпеза. За уживањето да биде целосно само не го заборавајте преливот – готов а ла минут, а превкусен.

Потребно е:

200 г бајат леб
150 г кисели краставички
100 г кашкавал
100 г шунка
100 г сирење
70 г морков
150 г лебни трошки
1 јајце
магдонос
150 мл кисела павлака
80 г мајонез
перца од 2 млади кромитчиња
1 лимон
1 лажица мешан зачин К+
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Лебот го кинеме на парчиња и го ставаме во длабок сад. Го преливаме со 150 мл вода и го месиме со рака. Шунката ја сечкаме на коцки и ја додаваме во садот со омекнатиот леб.
  2. И киселите краставички ги сечкаме на коцки. Ги притискаме со раце за да ја истиснеме течноста и ги додаваме во садот. На крупната страна од рендето во садот ги рендаме кашкавалот и сирењето.
  3. На ситната страна од рендето во садот го рендаме морковот. Јајцето го кршиме, белката ја оставаме во сад на страна, а жолчката ја додаваме во длабокиот сад. Наросуваме мелен црн пипер и го додаваме мешаниот зачин К+.
  4. Магдоносот ситно го сечкаме, го додаваме во садот и мешаме со лажица додека состојките не се соединат. Од смесата со раце обликуваме цилиндрични форми и ги редиме на чинија. Во садот со белката додаваме малку вода, посолуваме и матиме со виљушка.
  5. Пирошките прво ги свалкуваме во изматена белка, а потоа во лебни трошки. Ги пржиме на поголема количина загреано масло во тава на оган. Откако ќе поруменат од сите страни ги вадиме пирошките од тавата и ги ставаме на чинија, обложена со салфетки.
  6. Во садот со киселата павлака го додаваме мајонезот и наросуваме мелен црн пипер. Перцата од млад кромид ситно ги сечкаме и ги додаваме во садот. Половина лимон цедиме во цедалка, го додаваме лимоновиот сок во садот и мешаме со жица додека преливот не се соедини.
  7. Чинијата за сервирање ја украсуваме со листови марула и скалесто ги редиме пирошките. Со лажица нанесуваме од преливот и врз него наросуваме ситно сечкани перца од млад кромид. Декорираме со полукругови лимон свиткани во форма на осмици и гранчиња магдонос.

Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *