Sareni-kapi-(1)

Шарени Капи

Е, во овие можете да уживате со делата на Чајковски, Корсаков, Рахмањинов… Затоа и многу слични рецепти ќе ги најдете и како Руски капи. И не мора да чекате зима за да ги направите, единствено што се бара од Вас е да сакате кокос и чоколада.

Потребно е:

ЗА ПАНДИШПАН

4 јајца
8 лажици шеќер
6 лажици брашно
8 лажици мелени ореви
2 лажици какао
1 прашок за печиво

ЗА ФИЛ

4 јајца
500 мл млеко
150 г шеќер
4 лажици брашно
1 ванилин шеќер
125 г маргарин
200 г кокосово брашно

ЗА ПРЕЛИВ И УКРАСУВАЊЕ

100 г чоколада за готвење
100 г бела чоколада
2 лажици масло за јадење

Подготовка:

  1. Почнуваме со подготовка на пандишпанот. Во сад за матење ги кршиме јајцата. Го додаваме шеќерот и матиме со миксер додека не се растопи. Ги додаваме брашното, прашокот за печиво, какаото и мелените ореви, и мешаме со лопатка додека смесата не се соедини.
  2. Ја нанесуваме во правоаголна тава бр 40, обложена со хартија. Тавата ја ставаме во рерна. Печеме 30 минути на 180 степени и ја вадиме од рерна. Почнуваме со подготовка на филот.
  3. Во тенџере на оган ставаме 300 мл млеко и го додаваме шеќерот. Брашното и ванилиниот шеќер ги додаваме во садот со преостанатото млеко. Јајцата ги кршиме, белките ги оставаме во сад на страна, а жолчките ги додаваме во садот со млеко и брашно.
  4. Мешаме со жица додека смесата не се соедини. Потоа непрекинато мешајќи со жицата ја додаваме размешаната смеса во зовриеното млеко во тенџерето на оган.
  5. Откако кремот ќе ја добие потребната густина го тргаме тенџерето од оган. Оставаме кремот да се излади. Во сад за матење со миксер го матиме маргаринот додека не стане пенест. Го додаваме изладениот крем и матиме со миксерот додека филот не се соедини. Изладениот пандишпан го вадиме од тавата и му ја отстрануваме хартијата.
  6. Со калап од пандишпанот вадиме тркалезни форми. Првата форма со лажица ја премачкуваме со фил и врз него ставаме уште една форма пандишпан. Страничниот дел на колачот го премачкуваме со фил и го облепуваме со кокосово брашно.
  7. На истиот начин ги подготвуваме сите колачи и ги редиме на послужавник. Белата чоколада ја кршиме на парчиња и ја ставаме во тенџере на оган. Додаваме 1 лажица масло и мешаме со лажица.
  8. Откако чоколадата ќе се растопи го тргаме тенџерето од оган. Во друго тенџере на оган ставаме 1 лажица масло. Чоколадата за готвење ја кршиме на парчиња, ја додаваме во тенџерето и мешаме со лажица.
  9. Откако чоколадата ќе се растопи го тргаме тенџерето од оган. Во тенџерето со растопена чоколада за готвење го потопуваме горниот дел од секоја капа. Ги редиме капите на послужавникот.
  10. Потоа на средината на секоја капа нанесуваме по ½ лажица растопена бела чоколада и шариме со чепкалка. Неколку Шарени капи редиме на чинија за сервирање.

Со овој десерт ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: