Piroski-vkus-na-pica-(10)

Пирошки со Вкус на Пица

Вкусот на пица им е омилен и на децата, и на возрасните. Ова е одлична идеја како да подготвите нешто ново, а да бидете сигурни дека на сите ќе им се допадне. Освен инвентивни ќе бидете и мудри, а наместо како предјадење одлично ќе Ви дојдат и за појадок или вечера.

Потребно е:

– 350 г брашно
– 350 г варени, лупени компири
– 200 мл млако млеко
– 100 мл вода
– 2 јајца
– 1 свеж квасец
– 1 кафена лажица оригано
– 200 мл кечап
– 200 г кашкавал
– 150 г кругови шунка
– 100 г лебни трошки
– масло за јадење
– Хималајска сол

Подготовка:

  1. Компирите ги гмечиме со алатка и ги ставаме во длабок сад. Квасецот го рониме со рака, го додаваме во тенџерето со млакото млеко и мешаме со лажица додека не се растопи.
  2. Потоа млекото со квасец го додаваме во садот со компирите. Јајцата ги кршиме, белките ги оставаме во сад на страна, а жолчките ги додаваме во длабокиот сад. Ги додаваме брашното и ориганото. Посолуваме и со водата замесуваме тесто. Оставаме да стасува 30-тина минути на топло место.
  3. Круговите шунка ги сечкаме на коцки и ги ставаме во длабок сад. На крупната страна од рендето во садот го рендаме кашкавалот и го промешуваме филот со лажица.
  4. Стасаното тесто го размесуваме на набрашнета работна маса. Го сечеме на парчиња со големина на орев, формираме топчиња и од секое топче со сукалка развлекуваме кора. Ја премачкуваме првата кора со кечап. На средината нанесуваме од филот од кашкавал и шунка. Ги свиткуваме краевите на кората кон внатрешноста и виткаме ролат. На истиот начин ги подготвуваме сите пирошки.
  5. Преостанатите белки ги посолуваме и ги матиме со виљушка. Пирошките ги свалкуваме во изматени белки и лебни трошки. Ги пржиме на поголема количина загреано масло во тава на оган. Откако ќе поруменат од сите страни ги вадиме пирошките од тавата и ги ставаме на чинија, обложена со хартија.
  6. Чинијата за сервирање ја украсуваме со два листа марула и врз секој лист ставаме по една лажица кисела павлака. Во форма на тараби на чинијата ги сервираме пирошките и ги декорираме со кечап.

 

Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *