Polneta-jagneska-pleska-na-strumicki-nacin-(6)

Полнета Јагнешка Плешка на Струмички Начин

Зошто е на струмички начин, а нема корнишони не знаеме и ние. Но, дека полнетава плешка е фантазија, тоа го знаеме со сигурност. Единствено што се бара од Вас е да сте љубители на јагнешко, па уште полнето со фил од ориз, млад кромид и магдонос – мераци.

Потребно е:

– 1 јагнешка плешка
– 2 врзопа млад кромид
– 200 г ориз
– магдонос
– 1 кг лупени компири
– 300 г кромид
– 150 г домат
– 2 лажици мешан зачин К+
– 1 лажица црвен пипер
– масло за јадење
– Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Младите кромитчиња ситно ги сечкаме и ги пржиме на загреано масло во тава на оган. Го додаваме оризот, кратко го запржуваме и мешаме со лажица. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер.
  2. Додаваме 400 мл вода и мешан зачин К+. Откако водата ќе испари ситно го сечкаме магдоносот и го додаваме во тавата. Промешуваме и ја тргаме тавата со филот од оган. Јагнешката плешка ја засекуваме во делот под ребрата, формирајќи џеб и ја наросуваме со мешан зачин.
  3. Со лажица со подготвениот фил го полниме џебот на плешката. Главиците кромид ги сечкаме на резанки, компирите на покрупни парчиња, а доматот на коцки. Ги ставаме парчињата зеленчук во тава за печење, намрсена со масло. Посолуваме, и наросуваме со мелен црн пипер и со преостанатиот мешан зачин.
  4. Го попрскуваме зеленчукот со масло. На средината на тавата ја ставаме полнетата плешка. Во тенџере на оган ставаме 70 мл масло. Откако маслото ќе се загрее во тенџерето го додаваме црвениот пипер и мешаме со лажица. Со запршката ја преливаме плешката во тавата и додаваме 1 литар вода.
  5. Ја покриваме тавата со алуминиумска фолија и ја ставаме во рерна. Печеме 2 часа на 200 степени. Ја вадиме тавата од рерна и ја отстрануваме фолијата.
  6. На чинија за сервирање ја ставаме полнетата плешка и го сервираме зеленчукот од тавата. Декорираме со два листа радич и цветови брокула врз нив.

 

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво црвено вино. Се служи на температура од 18-20 степени.

Добар апетит

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: