Polneti-kaneloni-so-pcenka-i-crni-slivi-(5)

Полнети Канелони со Пченка и Модри Сливи

Љубители на италијански специјалитети или едноставно на тестенини – добре ни дојдовте. Иако предолго во името како намерно да се испуштени меленото месо и чадената сланина. И, сега, дали си замислувате какви може да бидат канелоните наполнети со ваков фил, па испечени со размешано доматно пире, Бешамел сос и рендан кашкавал?

Потребно е:

500 г канелони
400 г мелено месо
300 г зрна конзервирана пченка
250 г суви модри сливи без семки
100 г кромид
100 г ленти чадена сланина
200 мл млеко
200 г кашкавал
70 г маргарин
1 лажица брашно
2 лажици доматно пире
1 ½ лажица мешан зачин К+
½ лажица оригано
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Главицата кромид ситно ја сечкаме и ја пржиме на загреано масло во тава на оган. Лентите сланина ги сечкаме на коцки и ги додаваме во тавата со омекнатиот кромид.
  2. Откако сланината ќе се запржи го додаваме меленото месо и го ситниме со лажица. Модрите сливи ситно ги сечкаме и заедно со зрната пченка ги додаваме во тавата со испрженото месо.
  3. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Зачинуваме со ориганото и половина од мешаниот зачин К+. Промешуваме и ја тргаме тавата со филот од оган. Го ставаме филот во готварска кеса.
  4. Во друга тава на оган го топиме маргаринот. На растопениот маргарин го пржиме брашното и мешаме со жица. Во тавата со испрженото брашно ги додаваме млекото и преостанатиот мешан зачин.
  5. Откако Бешамел сосот ќе ја добие потребната густина ја тргаме тавата од оган. Со готварската кеса со подготвениот фил ги полниме канелоните и ги редиме во огноотпорен сад, намрсен со масло. Во садот со доматното пире додаваме 200 мл вода и мешаме со жица. Со размешаното доматно пире ги преливаме канелоните.
  6. Го покриваме садот со алуминиумска фолија и го ставаме во рерна. Печеме 30 минути на 180 степени и го вадиме од рерна. Ги преливаме канелоните со Бешамел сосот. На крупната страна од рендето во садот го рендаме кашкавалот и го враќаме во рерна.
  7. Печеме уште 15 минути на 200 степени и го вадиме садот од рерна. На чинија за сервирање ставаме од Полнетите канелони со пченка и модри сливи. Декорираме со гранчиња француски магдонос и цветови од морков.

Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво црвено вино. Се служи на температура од 18-20 степени.

Добар апетит

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: