Polneti-pileski-kopani2

Полнети Пилешки Копани

Со филот од коцки моркови и шунка, рендано варено јајце, сечкан магдонос и букова сол пилешкото не само што е многу вкусно туку е и декоративно. А, пак послужено со печени компири и крем од жолчки, тешко, многу тешко ќе му најдете мана.

Потребно е:

4 пилешки копани со наткопани
150 г обарени моркови
100 г шунка
1 варено, лупено јајце
2 лажици лебни трошки
магдонос
100 г брашно
3 јајца
250 г варени, лупени компири
120 г путер
1 лимон
1 пилешка коцка за супа
½ лажица букова сол
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Во тенџере со вода на оган ја ставаме коцката да се вари супа. Варените компири ги сечкаме на четвртинки по должина и ги редиме во огноотпорен сад. На секое парче компир ставаме по едно парче путер, посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Со црпалка ги преливаме компирите со супа од коцка и го ставаме огноотпорниот сад во рерна.
  2. Печеме 40- тина минути на 250 степени и го вадиме од рерна. На копаните им ги отстрануваме коските. Месото го посолуваме, го наросуваме со мелен црн пипер и го оставаме на чинија да ги впие зачините. Обарените моркови и шунката ги сечкаме на коцки, и ги ставаме во длабок сад. Магдоносот ситно го сечкаме и го додаваме во садот.
  3. На ситната страна од рендето во садот го рендаме вареното јајце. Ги додаваме лебните трошки и буковата сол. Кршиме едно јајце, го додаваме во садот и го мешаме филот со лажица. Првиот пилешки копан го прекриваме со најлонска фолија и го толчиме со чук. Нанесуваме од филот, го свиткуваме месото на половина и зацврстуваме со чепкалки. Истата постапка ја повторуваме со сите копани.
  4. Брашното на чинија го посолуваме, го наросуваме со мелен црн пипер и промешуваме. Полнетите копани ги свалкуваме во брашно, и ги пржиме на загреана мешавина од путер и масло. Откако ќе поруменат од двете страни ги вадиме од тавата и ги ставаме на чинија, обложена со хартија. Ги отстрануваме чепкалките и ги сечеме полнетите копани на парчиња. Половина лимон цедиме во цедалка и го ставаме лимоновиот сок во длабок сад.
  5. Преостанатите две јајца ги кршиме, белките ги оставаме во сад на страна, а жолчките ги додаваме во садот со сокот од лимон. Матиме со жица и додаваме неколку лажици супа од коцка. Во тава на оган го ставаме преостанатиот путер. Откако ќе се растопи ја тргаме тавата од оган. Непрекинато мешајќи со жицата го додаваме подизладениот растопен путер во садот со жолчките изматени со лимон.
  6. Го ставаме садот на пареа и вариме додека преливот не ја добие потребната густина. Чинијата за сервирање ја украсуваме со два листа марула.
  7. На едната страна на чинијата редиме парчиња Полнети пилешки копани, а до нив ги сервираме парчињата печени компири. Со лажица на месото и компирите нанесуваме од преливот. Декорираме со гранчиња француски магдонос и кругови морков.

 

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: