Telesko-pecenje-polneto-so-spanak-1

Телешко Печење Полнето со Спанаќ

Телешко месо маринирано во маслиново масло со сок и кора од лимон, и мајчина душичка, и мислевте – испечено. Е, па, не е, филувано е со спанаќ со сланина и јајце, па ролувано. Единствена мана може да биде цената, но и ако телешкото го замените со свинско месо нема да погрешите.

Потребно е:

1,2 кг телешка кртина
300 г исчистен спанаќ
150 г чадена сланина
60 г лебни трошки
1 јајце
1лимон
2 гранчиња сува мајчина душичка
50 г кромид
30 г путер
150 мл бело вино
1 говедска коцка за супа
маслиново масло
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. На ситната страна од рендето во длабок сад ја рендаме кората од лимон. Го цедиме лимонот во цедалка и го додаваме лимоновиот сок во садот. Мајчината душичка ја рониме со раце, па и неа ја додаваме во садот. Додаваме 4-5 лажици маслиново масло. Потоа во садот го ставаме телешкото месо и оставаме да отстои 24 часа во маринадата.
  2. Кромидот ситно го сечкаме и го пржиме на растопениот путер во тенџере на оган. Спанаќот ситно го сечкаме и го додаваме во тенџерето со омекнатиот кромид. Сланината ја сечкаме на коцки, па и неа ја додаваме во тенџерето.
  3. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Откако и сланината ќе се запржи го тргаме тенџерето од оган. Во подизладената содржина ги додаваме лебните трошки. Јајцето го кршиме, го додаваме во тенџерето и го промешуваме филот со лажица. Во друго тенџере со 300 мл вода на оган ги додаваме белото вино и коцката за супа. Откако супата ќе зоврие го тргаме тенџерето од оган.
  4. Месото го вадиме од садот со маринадата и го засекуваме на повеќе места, за да добиеме рамна површина за ролување. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Го нанесуваме подготвениот фил, виткаме ролат и го зацврстуваме со готварски конец.
  5. Ролатот го ставаме во тава за печење и прво го преливаме со маринадата, а потоа со супата со вино. Ја ставаме тавата во рерна. Печеме 90- тина минути на 200 степени и ја вадиме од рерна. Испечениот ролат го вадиме од тавата, го отстрануваме конецот и го сечеме ролатот на парчиња.
  6. На едната страна на чинија за сервирање скалесто ги редиме парчињата Телешко печење полнето со спанаќ. До нив сервираме главички претходно обарен прокељ и декоративно исечени кругови варени моркови. Преливаме со сосот од тавата за печење и декорираме со гранче копар.

 

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво црвено вино. Се служи на температура од 18-20 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: