Praznicna-pogaca

Празнична Погача

Е, како па да не! Морало да се чека празник, ако била празнична. Кажете ни дали познавате некого кој во секое време не е раположен за нешто домашно месено. Погачава изгледа одлично, не е многу скапа и што е најважно – брзо и лесно се прави. Со нешто што се нашло во фрижидер за боцкање одговара и за појадок и за вечера.

Потребно е:

800 г брашно
400 мл млако млеко
100 г кисело млеко
1 свеж квасец
2 лажици масло за јадење
1 лажица шеќер
250 г маргарин исечкан на парчиња
Хималајска сол

Подготовка:

  1. Во тенџере со млекото ги додаваме квасецот и шеќерот, и мешаме со лажица додека не се растопат. Брашното во длабок сад го посолуваме. Ги додаваме млекото со размешаниот квасец и шеќер, киселото млеко и 2 лажици масло, и со рака замесуваме тасто.
  2. Продолжуваме да го месиме тестото на работна маса додека не стане мазно. Формираме топка и ја ставаме во длабокиот сад. Го покриваме садот со кујнска крпа и оставаме тестото да стасува 30 минути на топло место. Во длабока чинија го ставаме омекнатиот маргарин и го мешаме со лажица.
  3. Стасаното тесто го размесуваме на работната маса и го сечеме на 10 еднакви делови. Првото парче тесто со рака го расплескуваме на работната маса и со сукалка развлекуваме кора со големина од 20-тина см. Со лажицата ја премачкуваме кората со маргарин.
  4. Истата постапка ја повторуваме со уште 7 кори и ги редиме една врз друга. Ја развлекуваме деветата кора и непремачкана ја нанесуваме на претходните 8. Потоа со сукалката развлекуваме кора со големина на тава за печење бр. 28. Ја ставаме кората во тава за печење. Со нож од средината ја засекуваме кората на 8 триаголни парчиња, но не до крај туку до 2 см од крајот на тавата.
  5. Секое парче од средината го преклопуваме кон крајот на тавата. Од 10-тото парче тесто формираме топка и ја ставаме во средината на тавата. Со лажицата ја премачкуваме погачата со преостанатиот маргарин и ја покриваме тавата со кујнската крпа.
  6. Оставаме погачата да стасува 30-тина минути на топло место. Ја ставаме тавата во рерна. Печеме 40 минути на 220 степени и ја вадиме од рерна. Празничната погача ја ставаме на чинија за сервирање.

 

Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *