Polneti-teleski-gradi-(5)

Полнети Телешки Гради

Уште една одлична идеја за домашните свечености. Некој не сака пилешко, некој не сака свинско, е богами телешко тешко дека некој не сака. А, наполнето со фил од пржени шампињони со кромид и магдонос, па испечено со компири и моркови во бело вино никој нема да одбие.

Потребно е:

2 кг телешки гради
3 переци
250 мл млеко
100 г кромид
200 г свежи шампињони
20 г суви печурки
2 јајца
1 лимон
100 мл бело вино
магдонос
3 лажици лебни трошки
1 лажица мешан зачин К+
морско оревче
300 г лупени компири
200 г моркови
100 г путер
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Телешките гради ги засекуваме, формирајќи џеб. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер од надворешната страна и во џебот на месото, и оставаме да ги впие зачините.
  2. Сувите печурки ги преливаме со топла вода и оставаме да омекнат. Во тава на оган ставаме масло и додаваме 50 г путер. Главицата кромид ситно ја сечкаме и ја пржиме на загреаната мрснотија во тавата на оган.
  3. На шампињоните им ги отстрануваме рачките, ситно ги сечкаме и ги додаваме во тавата. Шампињоните ги сечкаме на листови и ги додаваме во тавата со омекнатиот кромид. Потоа ги додаваме омекнатите суви печурки и зачинуваме со мешаниот зачин К+.
  4. Магдоносот ситно го сечкаме и го додаваме во тавата со испржените печурки. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Промешуваме и ја тргаме тавата од оган. Переците ги кинеме на парчиња и ги ставаме во длабок сад.
  5. Ги преливаме со млекото, промешуваме и оставаме да го впијат. На ситната страна од рендето ја рендаме кората од лимон и ја додаваме во садот со омекнатите переци. Потоа ги додаваме содржината од тавата за пржење и преостанатиот путер. Во длабока чинија ги кршиме јајцата, ги матиме со жица и ги додаваме во длабокиот сад.
  6. Лимонот го цедиме во цедалка, па и лимоновиот сок го додаваме во садот. Потоа ги додаваме лебните трошки и рендаме морско оревче. Посолуваме, наросуваме мелен црн пипер и го мешаме филот со лажица. Со лажица со подготвениот фил го полниме џебот во телешките гради и зацврстуваме со метална игла.
  7. Го ставаме месото да се пржи на загреано масло во тава за печење на оган. Откако ќе порумени од двете страни ја тргаме тавата од оган. Компирите ги сечкаме на кришки, а морковите на кругови и ги додаваме во тавата.
  8. Го додаваме преостанатиот фил, и преливаме со белото вино и со 100 мл вода. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Ја покриваме тавата со алуминиумска фолија и ја ставаме во рерна.
  9. Печеме 2 часа на 200 степени и ја вадиме тавата од рерна. Ги отстрануваме фолијата и металната игла. Полнетите телешки гради ги сечеме на парчиња. На средината на чинија за сервирање ставаме од филот од тавата за печење.
  10. По краевите на чинијата ги сервираме испечените компири и моркови. Потоа на чинијата скалесто ги редиме парчињата Полнети телешки гради. Декорираме со гранчиња копар, кругови црвена пиперка и полукругови краставица.

Со ова јадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво црвено вино. Се служи на температура од 18-20 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: