soleni-oblandi

Солени Обланди со Кикиритки

Ама со кикиритки само наросени. Обландите премачкани со фил од кајмак и топено сирење, па уште пржени шампињони, варени рендани јајца и кашкавал, и сечкана шунка. Е, ај сега биди карактер и држи диета.

Потребно е:

3 обланди
400 г свежи шампињони
250 г кајмак
200 г кругови шунка
200 г топено сирење
100 г кашкавал
100 г мајонез
3 варени, лупени јајца
100 г пржени, крупно мелени кикиритки
масло за јадење
Хималајска сол и црн пипер

Подготовка:

  1. Шампињоните ги сечкаме на листови и ги пржиме на загреано масло во тава на оган. Посолуваме и наросуваме мелен црн пипер. Откако течноста ќе испари ги цедиме испржените шампињони во цедалка.
  2. Во сад за матење со миксер го матиме кајмакот. Го додаваме топеното сирење и матиме додека филот не се соедини. Обландите ги сечеме на половина по должина. Шунката ситно ја сечкаме.
  3. На крупната страна од рендето на една чинија го рендаме кашкавалот, а на друга чинија ги рендаме варените јајца. Првата лента обланда ја ставаме на послужавник и ја премачкуваме со подготвениот фил.
  4. Ги нанесуваме исцедените шампињони и ја ставаме втората лента обланда. Ја филуваме, ги нанесуваме ренданите варени јајца и ја ставаме третата лента. Премачкуваме со фил, го нанесуваме ренданиот кашкавал и ја ставаме четвртата лента обланда.
  5. Филуваме и ја нанесуваме сечканата шунка. Прекриваме со петтата лента обланда, ставаме потежок предмет и оставаме обландите да се залепат со филот. Потоа премачкуваме со преостанатиот фил и наросуваме со мелените кикиритки. Ги сечеме обландите на коцки.
  6. Чинијата за сервирање скалесто и во форма на венец ја украсуваме со тенки кругови краставица. Во средината на венецот редиме парчиња Солени обланди со кикиритки. Декорираме со цветови од тенки парчиња краставица на чинијата и по еден круг полнета зелена маслинка на секое парче обланди.

Со ова предјадење ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: