Svekrvini-kocki-(4)

Свекрвини Коцки

Печела 2 кори и 1 пандишпан, правела кафен и бел фил, ги прелила коцките со чоколада и ги украсила со бонбони. Бајаги се намачила свекрвава, ќе е да ги правела коцкиве кога невестата и била тазе :)

Потребно е:

ЗА КОРИ

350 г брашно
150 г шеќер
120 мл млеко
120 г маргарин
1 јајце
1 лажица какао
1 прашок за печиво

ЗА ПАНДИШПАН

5 јајца
5 лажици шеќер
5 лажици брашно
1 прашок за печиво

ЗА ФИЛОВИ

800 мл млеко
300 г шеќер
3 лажици густин
3 лажици брашно
100 г чоколада за готвење
4 лажици врела вода
250 г маргарин
1 лимон

ЗА ЧОКОЛАДЕН ПРЕЛИВ

100 г чоколада за готвење
50 г шеќер
50 г маргарин
50 мл вода

Подготовка:

  1. Почнуваме со подготовка на корите. Во сад за матење ги ставаме брашното, прашокот за печиво, шеќерот, какаото и маргаринот. Јајцето го кршиме и го додаваме во садот.
  2. Го додаваме млекото и со рака замесуваме тесто. Наопаку завртената правоаголна тава бр 36 ја намрсуваме со маргарин и ја набрашнуваме. Половина од тестото ставаме на тавата.
  3. Го наросуваме со брашно и со сукалка развлекуваме кора. Ја ставаме тавата во рерна. Печеме 15 минути на 200 степени и ја вадиме од рерна. На истиот начин ја подготвуваме и втората кора.
  4. Почнуваме со подготовка на пандишпанот. Во длабок сад ги кршиме јајцата. Го додаваме шеќерот и матиме со миксер додека не се растопи. Потоа ги додаваме брашното и прашокот за печиво, и мешаме со лажица додека смесата не се соедини.
  5. Ја нанесуваме во правоаголна тава бр 36, обложена со хартија. Тавата ја ставаме во рерна. Печеме 20 минути на 200 степени и ја вадиме од рерна. Почнуваме со подготовка на филовите.
  6. Во сад со 200 г шеќер ја додаваме водата и мешаме со лажица додека не се растопи. Во сад за матење со миксер го матиме маргаринот додека не стане пенест.
  7. Ја додаваме засладената вода и матиме со миксерот додека смесата не се соедини. Во тенџере на оган ставаме половина од млекото и додаваме 100 г шеќер.
  8. Брашното и густинот ги додаваме во садот со преостанатото млеко, и мешаме со жица. Потоа непрекинато мешајќи со жицата ја додаваме размешаната смеса во зовриеното млеко во тенџерето на оган. Откако кремот ќе ја добие потребната густина го тргаме тенџерето од оган.
  9. По половина од кремот ставаме во два сада. Чоколадата ја кршиме на парчиња, ја додаваме во првиот сад и мешаме со жицата додека не се растопи. Оставаме кремот да се излади. Потоа додаваме половина од изматениот маргарин и матиме со миксерот додека кафениот фил не се соедини.
  10. Во вториот сад со изладен крем го додаваме преостанатиот изматен маргарин. На крупната страна од рендето во садот рендаме кора од лимон и матиме со миксерот додека белиот фил не се соедини. Изладените кори и пандишпанот ги вадиме од тавите, и му ја отстрануваме хартијата на пандишпанот.
  11. На послужавник ја ставаме првата кора и ја премачкуваме со кафениот фил. Врз филот го ставаме пандишпанот и го премачкуваме со белиот фил. Прекриваме со втората кора и откако ќе се излади го сечеме колачот на коцки.
  12. Почнуваме со подготовка на чоколадниот прелив. Чоколадата ја кршиме на парчиња и ја ставаме во тенџере на оган. Ги додаваме водата, маргаринот и шеќерот. Откако преливот ќе ја добие потребната густина го тргаме тенџерето од оган.
  13. Од преливот нанесуваме на коцките колач. На чинија за сервирање ставаме две Свекрвини коцки. Декорираме со бели и кафени шеќерни бонбони.

Со овој десерт ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: