Torta-Deverusa-(3)

Торта со Кроасани

Три пандишпани, два фила, кроасани, чоко – ролери, топчиња од црна и бела чоколада… Па, се ова и едно по едно да го јадете нема да Ви биде лошо, а не пак се на едно место. Шегата на страна, навистина малку ќе се помачите, но вреди за крајниот резултат – тортата е супер.

Потребно е:

ЗА ПАНДИШПАНИ

6 јајца
6 лажици шеќер
6 лажици брашно
1 прашок за печиво

ЗА ФИЛОВИ

850 мл млеко
200 г чоколада за готвење
100 г какао
2 кесички прашок за пудинг од чоколада
2 кесички прашок за шлаг крем од чоколада
100 г чоколада во прав
50 мл вода
250 г маргарин
250 г шеќер во прав
150 г мини кроасани со чоколаден фил

ЗА ДЕКОРАЦИЈА

чоко-ролери
топчиња од црна и бела чоколада

Подготовка:

  1. Почнуваме со подготовка на пандишпаните. Во сад за матење ги кршиме јајцата. Го додаваме шеќерот и матиме со миксер додека не се растопи. Потоа ги додаваме брашното и прашокот за печиво, и мешаме со лопатка додека смесата не се соедини.
  2. Ја распоредуваме во 3 тркалезни калапи бр 24, обложени со хартија. Ги ставаме калапите во рерна. Печеме 20 минути на 200 степени и ги вадиме од рерна.
  3. Почнуваме со подготовка на филовите. Во тенџере на оган ставаме 150 мл млеко и го додаваме какаото. На парчиња кршиме 100 г чоколада, ја додаваме во тенџерето и мешаме со жица.
  4. Откако чоколадата ќе се растопи и кремот ќе ја добие потребната густина го тргаме тенџерето од оган. Оставаме кремот да се излади. Во друго тенџере на оган ставаме 600 мл млеко, го додаваме прашокот за пудинг и мешаме со жица.
  5. Откако пудингот ќе ја добие потребната густина го тргаме тенџерето од оган. Преостанатата чоколада ја кршиме на парчиња, ја додаваме во тенџерето и мешаме со жицата додека не се растопи. Оставаме пудингот да се излади.
  6. Во сад за матење ги ставаме прашокот за шлаг крем, чоколадата во прав, преостанатите 100 мл млеко и водата. Матиме со миксер додека шлаг кремот не ја добие потребната цврстина. Во длабок сад ги ставаме маргаринот и шеќерот во прав, и матиме со миксер додека маргаринот не стане пенест.
  7. Го додаваме изладениот крем со какао, и матиме со миксерот. Потоа додаваме половина од шлаг кремот и матиме со миксерот додека првиот фил не се соедини. Во садот со преостанатиот шлаг крем го додаваме изладениот пудинг и матиме со миксерот додека вториот фил не се соедини.
  8. Изладените пандишпани ги вадиме од калапите и им ги отстрануваме хартиите. На чинија за торта го ставаме првиот пандишпан и го премачкуваме со првиот фил. Врз филот го ставаме вториот пандишпан и го премачкуваме со вториот фил.
  9. На филот ги редиме мини кроасаните и го нанесуваме преостанатиот втор фил. Прекриваме со третиот пандишпан и целата торта ја премачкуваме со преостанатиот прв фил.
  10. Декорираме со чоко – ролери по страничниот дел на тортата. Декорацијата ја завршуваме со топчиња од црна и бела чоколада на горната површина на тортата, и црни топчиња помеѓу ролерите.

Со овој десерт ви предлагаме да се напиете квалитетно суво бело вино. Се служи на температура од 10-12 степени.

Добар апетит.

Погледнете го видеото!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Слични рецепти: